За проектот

Ви благодариме на посетата на нашата веб страна!

Пријави насилство! е иницијатива против насилството врз лезбејките, геј мажите, бисексуалците, трансродните лица и интерсексуалците. Со помоша на оваа платформа, односно преку употреба на новите технологии и со гарантирана анонимност се надеваме дека ќе собереме поголем број податоци за вознемирувањата и насилствата со кои се соочуваат лицата со различна сексуална ориентација или родов идентитет. Нашето искуство во работа со ЛГБТИ лица покажува дека најголем дел од насилствата или вознемирувањата кои ги трпат овие луѓе остануваат непријавени во органите за заштита. Причините за ова се различни и се движат од страв од откривање на сексуалната ориентација или родовиот идентитет, преку непрепознавање на простори на поддршка и заштита, па се` до недоверба во институциите на системот.

Оваа платформа ви нуди можност да пријавите какво било вознемирување или насилство на кое сте посведочиле или сте биле жртва. Нашата идеја е преку раскажување на овие инциденти да дојдеме до вистинската состојба со безбедноста на ЛГБТИ лицата во Македонија, и во исто време да понудиме бесплатна правна и психо-социјална помош на жртвите.

На Пријави Насилство! можете да ги регистрирате сите видови на насилство од довикување навредливи коментари, следење, заканување, физичко насилство, сексуално вознемирување и сексуално насилство. Преку собирање на информации, слики, видиеа и приказни од ЛГБТИ лица Пријави Насилство! ќе застапува за решавање на проблемот со хомофобично и трансфобично насилство пред сите надлежни и релевантни институции на системот.

Што ќе се случува со податоците?

Оваа веб платформа е дел од проектот Децентрализација на активностите за застапување за ЛГБТИ права, кој го реализираат Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ во партенрство со ЛГБТИ Центарот за поддршка, со поддршка од Проектот за граѓанско општество кој го спроведува Фондацијата Отворено Општество Македонија.  Веб платформата е еден од начините да се запознаеме подобро со ситуацијата со хомофобично и трансфобично насилство на целата територија на Република Македонија, видов и фреквенцијата на насилството, како и степенот на реакција од страна на надлежните органи. Веб платформата, истотака, е начин нашите правни и психо-социјални услуги да ги доближиме до поголем број членови на ЛГБТИ заедницата на кои истите им се потребни.

Податоците се собираат и анализираат анонимно.

За било какви дополнителни информации слободно контактирајте со:

Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“
e-mail: boskovanat@yahoo.com
Тел/факс: +389 2 3214269
Адреса: Бул. Климент Охридски 66-1/3 1000, Скопје

ЛГБТИ Центар за поддршка
e-mail: info@lgbti.mk
Тел/факс: +389 2 3119073
Адреса: Наум Наумовски Борче бр 83